Почетна » Семејство » Миленичиња » Десет совети за миленичињата во зима

Десет совети за миленичињата во зима

Миленичиња

Грижата за миленичињата не престанува никогаш, но зимата е временското доба кога тие можат да бидат во животна опасност, па нашето внимание мора да биде зголемено.

Времето надвор може да биде застрашувачко, подеднакво како за луѓето, но додека ние можеме да побараме дополнително парче облека, животните ја немаат таа шанса. Меѓународната организација Пет Ситерс, ги препорачува следиве десет совети на глобално ниво, повикувајќи се на долгогодишните искуства.

1. Овозможете им на миленичињата колку што е можно повеќе да поминат време во затворен простор. Ова особено се однесува на младенчињата, но и на постарите, кои спаѓаат во ризична група.

2. Кучињата не смеат да бидат надвор за време на снежна бура бидејќи можат да ја загубат сопствената трага. Снегот може да ги завее нивните „траги“ и да не можат да го надушкаат патот до дома.

3. Обезбедете адекватно засолниште доколку вашето милениче неизоставно мора да биде надвор во одредени периоди. Додадете слама за подобра изолација, за да има попријатно легло кое ќе ја задржи топлината, наместо ладната земја.

4. Овозможете му на миленичето во надворешни услови дополнителна храна и вода. Користете пластични садови, бидејќи останатите можат да се оштетат од ладното време, или доколку содржат стакло дури и да пукнат.

5. При повторно внесување на миленичето дома, задолжително избришете му ги стапалата. Солта која што се расфрла по улиците, како и хемикалиите за топење на голомразицата можат да ја иритираат или изгорат кожата од долната страна на шепата.

6. Долгите влакна на нозете се подложни на слепување и замрзнување доколку се наводенат при ниски температури. Отстранувањето на таквите „мразулци“ може да биде болно, па подобро е да ги скусите тие влакна од крзното.

7. Одржувањето на ноктите е повеќе од потребно. Доколку тие пораснат премногу, можат да го отежнат движењето.

8. Средствата против мрзнење се отровни, па погрижете се вашето милениче да нема допирни точки со некои продукти како антифриз, или кои содржат етилен гликол, а кои можеби се оставени незаштитени или на место што му е на дофат.

9. Доколку во текот на денот вашето милениче ги менува местата на движење, погрижете се барем да има мирен вечерен сон во затоплена просторија, како и да не биде изложен на струење на воздухот. Ова особено важи за малите птици во кафезите.

10. Возачите наутро пред да појдат со автомобилот, би требало да проверат да не има некои животни кои се скриле под возилото за да ја искористат топлината на моторот.