Почетна » Семејство » Деца » Децата кои имаат контакт со природата, ќе се борат за неа!

Децата кои имаат контакт со природата, ќе се борат за неа!

Деца

Повикувајќи се на извештаи од ревизорската компанија „Прајс Вотерхаус Куперс” (PWC), англискиот весник Гардијан предупреди дека децата не смеат да го загубат контактот со природата бидејќи во спротивно, тие нема да се борат за неа.

Текстот изнесува на виделина многу детали, меѓу кои дека децата половина од своето време го минуваат пред екрани (компјутери и телевизори), поради што не се доволно насочени да го бранат природниот свет од нарушувања. Раскинувањето на врската меѓу децата и природата е уште побрзо отколку пропаѓањето на природниот свет. Во изминатите четириесет години, бројот на местата каде што децата можеле да си играат без надзор е намален речиси за 90%. Во Велика Британија, бројот на деца кои редовно си играле во природа е опаднат: од повеќе од 50%, на помалку од 10%. За Соединетите Американски Држави е наведен податокот дека за само шест години (од 1997 до 2003 година) бројот на деца со хоби кое е лоцирано надвор од дома, се намалил за половина.
Причините за ваквата појава се поделени на рационални (страв од сообраќај, уништување на заедничките паркови каде што растеле минатите генерации) и ирационални (страв од непознати луѓе).

Наспроти ова, се оценува дека е подигнат квалитетот на детската забава во затворени простории, во кои децата го поминуваат своето време за игра. Оттука, текстот предупредува дека „забавата во затворен простор е едно од најопасните нешта за иднината на природата”.

detski_park

Дополнително, во истиот период статистичарите забележале и други негативни појави по здравјето на децата, од кои најчести се прекумерна тежина, рахитис и астма. Генерално, се смета дека кај сите денешни деца има значителен пад во физичката подготвеност, во однос на децата во минатото. Како поткрепа на сето ова доаѓа и истражувањето спроведено на универзитетот во Илиноис, коешто сугерира дека децата кои си играат меѓу дрвја и на трева имаат помали индикации за симптомот ADHD (хиперактивно нарушување). Текстот се повикува и на книгата од Едит Коб „The Ecology Imagination in Childhood”, каде што преку споредување на биографиите на триста генијалци, истакната е заедничката врска на нивното интензивно искуство во светот на природата за време на средната возраст на децата (од 5 до 12 години).

Иако постојат организации коишто се обидуваат да ја воспостават врската меѓу децата и природата, во почетокот на дваесет и првиот век очигледно е дека улогата на родителите мора неизоставно да биде стимулирачка за интензивирање на контактот на децата со природата, бидејќи без тоа чувство за функционирањето на живиот свет, тие никогаш нема да ги насочат своите капацитети кон неговото зачувување.