Почетна » Рецепти » Празнична софра » Чоколадни елки за големи и мали

Чоколадни елки за големи и мали

Празнична софра

Како ќе ги израдувате сите за празниците? Направете им ги овие прекрасни елкички од колачот „брауни“. Декорацијата зависи од фантазијата, а ќе ви помогнат шлаг, трошки или бонбони и слатки бастунчиња во боја, додека рецептот за најчоколадниот „брауни“ колач што сте го пробале, е на кој друг ако не на Џејми Оливер.

Состојки:

250 грама путер

200 грама темно чоколадо (по можност со 70% какао)

80 грама незасладено какао

65 грама брашно

1 прашок за пециво

360 грама шеќер

4 јајца

(по желба можете да додадете 75 грама лешници, бадеми, ореви или сушении брусници или вишни, но ние не ги користевме за елките)

jamieoliverbrownie

Рерната загрејте ја на 180 степени, а тавата обложете ја со мрсна хартија за печење.

Чоколадото и путерот ставете го во голем сад, а него врз друг сад во кој сте зовреле вода. Со мешање стопете ги чоколадото и путерот додека не се добие компактна, свиленкаста смеса. Ако сакате сушено овошје, сега е моментот да го додадете.

Во друг сад измешајте ги какаото, брашното, шеќерот и прашокот за пециво, и во таа смеса додајте го стопеното чоколадо. Мешајте со миксер додека не се соедини. Јајцата изматете ги рачно, па додавајте ги по малку на смесата, додека не се измешаат убаво.

Сипете ја смесата во тавата за печење, (бидејќи елкичките треба да бидат потенки, користете ја најголемата тава или можеби ќе треба да ја поделите смесата во две тави) измазнете ја одозгора и печете ја 20-тина минути. Браунис колачот мора да биде малку леплив во средината, а не сув како кекс, значи кога ќе боцнете чепкалка на средина, таа никако не смее да излезе чиста.

Оставете го да се излади во тавата, а потоа превртете го врз садот каде што ќе го сечете на триаголни елкички. На кој не му е доволно чоколадно, може да си додаде и глазураа од чоколадо со малку путер. На крај, декорирајте по желба и уживајте во најубавите новогодишни елки.