Почетна » Дива » Настани » Бела ноќ во Скопје

Бела ноќ во Скопје

Настани

На 1-ви октомври, Скопје цела ноќ ќе пулсира во ритамот на 12-тата по ред Бела ноќ, со случувања низ целиот град. Во Музејот на Град Скопје, Музејот на Современа Уметност, и Младинскиот културен центар – МКЦ ќе бидат изложени повеќе од 100 графички дела од поп-арт од шесте култни уметници: Енди Ворхол, Рој Лихтенштајн, Роберт Раушенберг, Џон Чемберлејн, Том Веселман и Џејмс Розенквист.

На Плоштадот Македонија, во 21:00 часот, француската спектакл трупа Compagnie des Quidams ќе настапи со нејзиниот последен звучно-светлосен перформанс. Веднаш по нив, со свој перформанс ќе настапи полската трупа TEATRU ÓSMEGO DNIA со 30 метарска арка која претходно ќе плови по скопските улици.

Филмски маратон ќе има во Градски парк, а во Кино Милениум, бесплатна проекција на „Ослободувањето на Скопје“ од полноќ до изутрина.

Во Младинскиот Културен Центар ќе има концерт на култната белградска група Дисциплина Кичме, по повод издавањето на новата плоча именувана „Опет“; швајцарските рокенрол/блуз/гараж херои Roy & the Devil’s Motorcycle и македонскиот инструментален пост рок квартет, Khara.

DeSonanz – фестивалот кој го помниме по вечерите посветени на модерната музика и мултимедијална уметност во Скопје го започнуваат новото издание на фестивалот во рамките на оваа Бела Ноќ, во Денсинг салата на МКЦ со настап на Kumo / Jono Podmore и Amplidyne Effect & Ogie. Во Џебното Кино на МКЦ е најавен одличен перформанс на големите јапонски уметници Yoshio Machida и Maiko Date насловен Sound is Body, Body is Sound.

Традиционално, и годинава, влезот во Зоолошката градина од 12:00 до 18:00 часот ќе биде бесплатен, а возењето во градските автобуси на ЈСП кои сообраќаат кон централното градско подрачје, од 19:00 часот до раните утрински часови, исто така ќе биде бесплатно.